Македонија, по Калифорнија, е втора земја во светот, која има најквалитетен пик на сончева енергија, што достигнува од 1.380 до 1.520 киловат-часови пик на квадратен метар. Иако сонцето го имаме во неограничени количини, се среќаваме со парадокс, бидејќи во моментов во земјава речиси и да немаме искористување на оваа енергија за производство на електрична и топлинска енергија. Во Македонија, во моментов, има само осум фотоволтаични електрани од кои четири се по 50 киловати, а најголемата од еден мегават е лоцирана во Новаци. Втората по големина и со моќност од 250 киловати е електраната во Штип. За разлика од Македонија, на европскиот пазар има многу вакви централи кои го користат сонцето за производство на електрична енергија. Интересно е да се спомене дека ниту една централа не е странска инвестиција, а експертите велат дека виновни за ваквата состојба се долгата административна процедура што инвеститорот треба да ја реализира за да добие дозвола за работа, како и банките кои бараат посебни проекти за да го одобрат бараниот кредит.
Македонија, по Калифорнија, е втора земја во светот, која има најквалитетен пик на сончева енергија, што достигнува од 1.380 до 1.520 киловат-часови пик на квадратен метар.
Иако сонцето го имаме во неограничени количини, се среќаваме со парадокс, бидејќи во моментов во земјава речиси и да немаме искористување на оваа енергија за производство на електрична и топлинска енергија.
Во Македонија, во моментов, има само осум фотоволтаични електрани од кои четири се по 50 киловати, а најголемата од еден мегават е лоцирана во Новаци. Втората по големина и со моќност од 250 киловати е електраната во Штип.
За разлика од Македонија, на европскиот пазар има многу вакви централи кои го користат сонцето за производство на електрична енергија.
Интересно е да се спомене дека ниту една централа не е странска инвестиција, а експертите велат дека виновни за ваквата состојба се долгата административна процедура што инвеститорот треба да ја реализира за да добие дозвола за работа, како и банките кои бараат посебни проекти за да го одобрат бараниот кредит.
Од Агенцијата за енергетика на Република Македонија укажуваат дека неопходно е да се поедностави процедурата со која инвеститорите треба да ја подготват документацијата за изградба на енергетски објекти од обновливи извори на енергија, односно да се воведе едношалтерски систем во изготвувањето и одобрувањето на документите.
Лазар Гечевски, директор на Агенцијата за енергетика, смета дека за да се забрза постапката добро е во стартот да се дадат неколку документи за да отпочне процесот на инвестирање, а потоа во текот на работењето да се достават дополнително бараните документи.
- Во старт го кочиме развојот бидејќи инвеститорот година, година и пол, губи во административна процедура, што е непотребно. Во Агенцијата секоја недела по 50 експерти доаѓаат на консултации и бараат да се забрза постапката - вели Гечевски и додава дека токму затоа во моментов ниту еден странец нема влезено во бизнисот со сончевата енергија.
Но, според него секогаш цената не е главен фактор, некогаш влијае и лошиот однос, односно за колку време можат да се изготват сите тие документи.
- И сигурноста е дел од тоа, оти од новиот закон и новите правила на игра кои често се менуваат, инвеститорите се незадоволни и оправдано реагираат - посочува Гечевски. Тој укажува дека со намалување на цената на струјата, инвеститорите не можат да си го реализираат бизнис-планот бидејќи со повисоката цена којашто првично била утврдена годишно би земал 600.000 евра, а со измените од 260 евра за мегават-час би реализирале од 350 до 400 илјади евра.
- Ако една централа е вредна три милиони евра, а цената на електричната енергија за еден мегават од 410 евра цена се намалува на 260 евра, се намалува и годишниот приход. Доколку парите се земени од банка и на тоа се додаде камата од осум до 10 отсто, уште две години дополнително ќе ви треба да го вратите кредитот, а тоа значи дека се потребни десетина години. Во услови кога загарантираната цена е дозволена само 15 години, тоа е основната причина затоа никој не сака да инвестира - објаснува Гечевски. Тој е дециден и смета дека цената мора да биде во подолг период непроменета, за да им дава голема сигурност на инвеститорите.
Во Македонија во моментов има 3,5 мегавати инсталирана моќност во фотоволтаични електрани и 4,5 мегавати инсталирана моќност во хидроцентрали.